Александра Славкоска учествуваше на обука за спасување во пештери во Србија

Нашата членка Александра Славкоска во периодот од 13 до 21 септември учествуваше на меѓународната обука за спасување во пештери која се одржа во околината на Деспотовац, Србија во организација на Службата за горско спасување на Р. Србија и Спелеолошката спасителна служба на Р. Словенија. Александра е прва девојка спелеолог од Р. Македонија која ја има завршено оваа обука.

Целта на обуката е јакнење на човечките капацитети за делување во случај на катастрофи, нивна превенција, како и подобрување и проширување на соработката меѓу спелеолозите и спасителите од Балканските земји. Предноста на ваквата обука е во усогласувањето на техниките и стандардите за спасување во пештери, што овозможува подготвеност за заедничко реагирање во случај на катастрофи и несреќи од поголеми размери.

Оваа година на обуката учествуваа 21 учесник од 9 земји – Македонија, Словенија, Србија Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Турција.

Обуката за спасување во пештери е дел од иницијативата за подготвеност и превенција од катастрофи за Југоисточна Европа (DPPI SEE), чиј потписник е и Република Македонија. Оваа година обуката се одржува по шести пат. Првата обука е организирана во 2009 година во Црна Гора, 2010 година е во Македонија, 2011 во Бугарија, 2012 во Словенија, а 2013 во Хрватска. На обуката Александра учествуваше заедно со Александар Булески од Ботом Тајм од Охрид, преку Дирекцијата за заштита и спасување на Р. Македонија.

Александра е веќе петти спелеолог од Спелеолошкиот клуб Златоврв – Прилеп кој има завршено обука за спасување во пештери, што е дел од инцијативата на клубот да покрај активностите за истражување и заштита на пештерите и карстот во Р. Македонија, континуирано се работи и на постојано обучување и надградување на своите членови преку редовно учество на курсеви и обуки надвор од Р. Македонија.

Tagged , , , , . Bookmark the permalink.

Comments are closed.