Кркалашка Пропаст, Демир Капија

На тргнување. Фото: А. Кленов

На тргнување. Фото: А. Кленов

Новата година ја започнавме како што доликува – истражувачки!

На 02.01.2017 во заедничка организација со Спортскиот клуб „Клисура“ – Демир Капија, изведовме еднодневна истражувачка акција во пропаста Кркалашка, која се наоѓа на ридот Горен Крастовец кај Демир Капија. Тимот го сочинуваше поголема екипа и тоа девет членови на Спелолошкиот клуб „Златоврв“ – Прилеп (Марјан Темовски, Дарко Неданоски, Златко Ангелески, Марија Ангелеска, Александра Славкоска, Марио Андоноски, Марио Котески, Јован Тодоровски и Никола Димитриески) и двајца домаќини од Спортскиот клуб „Клисура“ од Демир Капија (Александар Кленов и Тошо Стојанов), од кои дел беа логистичка поддршка, а дел директно учествуваа во истражувањето на пропаста.

Акцијата вклучуваше првично истражување на пропаста и нејзино документирање. Иако истраживме повеќе од 100 метри нови канали со вкупна длабочина од повеќе од 40-ина метри, поради краткиот ден и тешко пристапниот терен во околината на пропаста, истражувањето моравме да го прекиниме и да остани за нареден пат да ја доистражиме пропаста.

Даре на влезот. Фото: М. Темовски

Даре на влезот. Фото: М. Темовски

Кркалашката Пропаст е интересна пештера со вертикален влезен канал од 20-ина метри, по кој се доаѓа до првата сала. Од таму повторно вертикално се доаѓа до втората сала, за да истото продолжи и понатаму на уште едно ниво, каде има и поголемо разгранување на пештерските канали. Пештерата е богата со карактеристичните пештерски украси, сталактити, сталагмити, сливови, завеси и столбови, меѓу кои се среќаваат и столбови со висина од 5-6 метри.

Пештерата е богата со пештерски украси. Фото. М. Темовски

Пештерата е богата со пештерски украси. Фото. М. Темовски

Во пештерата има и голема колонија на лилјаци и скоро насекаде подот е прекриен со гуано (измет од лилјаци). На површината околу влезот на повеќе места беа забележани остатоци од пештерски украси, кои укажуваат на староста на карстниот процес на овој простор, бидејќи тие се формираат подземја, а на површина се нашле дури откако карпите над некогашните пештерски канали биле еродирани (растворени од вода). Иако имаше наговестувања дека низ историјата во пропаста биле фрлани луѓе, коски не забележавме. За време на истражувањето беа картирани само дел од пештерските канали во должина од 50 метри и длабочина од 30 метри. Останува пештерата да биде доистражена во некоја од наредните акции, веројатно со повеќедневен престој.

Транспорт на повреден со импровизирана носилка. Фото: А. Кленов

Транспорт на повреден со импровизирана носилка. Фото: А. Кленов

На крајот на акцијата имавме и една несреќна ситуација, кога, при враќањето по карпестиот терен, Марија си го повреди зглобот од ногата, па моравме да изведеме и еден вид спасувачка акција, во која со импровизирано носило и повеќечасовно извлекување низ тешко пристапен терен успешно стигнавме до возилата и се упативме назад кон Прилеп.

Иако ситуацијата беше несреќна, екипата покажа тимски дух, посветеност и истрајност карактеристична за спелеолозите. На Марија и посакуваме побрзо закрепнување и повторно да се видиме на некој од терените низ Македонија.

Повеќе фотографии ќе најдете тука.

Подготвил:
Марјан Темовски

Tagged , , , , . Bookmark the permalink.

Comments are closed.