Спелеолошкиот собир „Мариово“ помина успешно, со доста учесници од скоро сите спелеолошки клубови во Македонија, кои конечно, по подолго време се собраа на едно место и ги претставија своите резултати од досегашната работа.
Во петокот (13.05.2017) вечерта пристигна помал дел од учесниците, по што следуваше неформална проекција на спелеолошки клипови и филмови.
Саботата (14.05.2017) утрото пристигна и останатиот дел од учесниците, па првиот ден започна со повеќе предавања за различни аспекти на спелеологијата. Воведните предавања беа повеќе од научна природа, па најпрво Марјан Темовски ни презентираше за хипогените пештери во Мариово, а Билјана Гичевски презентираше за значењето на природните и вештачките трасери за функционирањето на карстните извори, на примерот на Слатински Извор.
Останатите предавања повеќе се однесуваа на спелеолошките истражувања и техничкиот аспект на спелеологијата. Марјан Темовски и Дарко Јованоски од СК Златоврв презентираа за прегледот на резултатите од документирањето на пештерите и примената на техниките на единечно јаже во СК Златоврв. Киро Ангелески од СК Врело ги претстави резултатите од Спеленуркачките експедиции во Врело и Ѓоновица. Иван Жежовски од СД Пеони ги претстави резултатите од истражувањето на Изворот на Бабуна, а СК Орле презентираше за истражувањето на пештерата Лековита Вода.
Покрај тоа беше промовирано и видео со наслов „Златоврв и пештерите“ по повод 5 годишнината од основањето на Спелеолошкиот клуб „Златоврв“, а во авторство на Јован Тодоровски.
Вечерта се одржа заедничка вечера по повод пет годишнината на клубот, по што следеше неколку часовна дискусија за состојбите и перспективите на спелеологијата во Македонија.
Во неделата (15.05.2017) поголемиот дел од учесниците ја посетија Мелничка Пештера 1, една од неколкуте регистрирани хипогени пештери во Македонија.
Севкупно, собирот помина успешно, со желби за што побрзо организирање на наредни заеднички активности.
Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ – Прилеп е благодарен на сите клубови и учесници на собирот и се надева дека овој собир ќе испровоцира почести средби и соработки меѓу спелеолошките клубови во Македонија.
Фотографии од собирот може да се погледнат во албумот објавен на нашата ФБ страница – тука
Програмата и водичот од собирот ќе ги најдете тука