Кон крајот на јуни изведовме повеќедневна акција за истражување на пештери на Галичица.
Активностите беа дел од научните истражувања на пештерите на Галичица кои вклучуваат палеоклиматски истражувања базирани врз пештерски украси, а се раководени од д-р Марјан Темовски од Лабораторијата за истражување на животната средина, при Институтот за нуклеарни истражувања (Унгарска академија на науки) во Дебрецен, Унгарија, во соработка со Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ – Прилеп и Ботом Тајм – Охрид.
Активностите се состоеа од посети и истражување на пештерите Самоска Дупка и Војла, како и истражување на нова пештера кај месноста Корита. Беа истражувани пештерите, нивните морфолошки карактеристики и пештерски седименти и беа разгледувани потенцијални примероци од пештерски украси за палеоклиматски истражувања.
Во акцијата учествуваа Марјан Темовски, Дарко Јованоски, Дарко Неданоски, Марио Котески, Јован Тодоровски, Марија Макешоска и Сара Паноска од СК Златоврв – Прилеп и Александар Булески од Ботом Тајм – Охрид. За потребите на повеќедневната акција беше поставен и камп на Горно Студино.
Покрај пештерите на Галичица, беа разгледани и повеќе извори во јужниот дел на Охридско Езеро и на Албанска страна, како дел од потенцијални локалитети за понатамошни спелеолошки и научни истражувања.
Повеќе фотографии на ФБ страната на СК Златоврв.